Аеродром под лупа: дали „Зимзоленд“ работи со уредни одобренија?

Општина Аеродром отвори инспекциска постапка за „Зимзоленд“ по наводите дека зимскиот забавен парк функционира без соодветни одобренија. Додека градските власти тврдат дека Град Скопје воопшто нема издадено дозвола за вршење дејност на оваа локација, од општината велат дека фокусот на контролата е – дали за поставената урбана опрема е издадено законски потребното одобрение.

Од Општина Аеродром појаснуваат дека инспекциските служби постапуваат веќе две недели, од 28 ноември, и дека во тек е утврдување на сите релевантни околности. По завршување на постапката, како што наведуваат, ќе бидат преземени мерки што произлегуваат од законите, доколку за тоа постои утврдена основа. Општината нагласува и дека земјиштето на кое е поставен „Зимзоленд“ е во приватна сопственост, како и дека локалната самоуправа не е ниту организатор ниту учесник во активностите на забавниот парк.

Претходно, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека инспектори на Градот во координација со Државниот пазарен инспекторат и МВР спровеле контроли на „Зимзоленд“, при што било утврдено дека Град Скопје нема издадено дозвола за вршење дејност на оваа локација, а биле констатирани и повеќе неправилности во работењето. Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е општинскиот градежен инспектор да постапи согласно законските регулативи.

Од „Зимзоленд“ потврдија дека во паркот се вршат инспекциски надзори, но ги демантираа наводите во дел од медиумите дека забавниот парк ќе биде затворен. Според нивното реагирање, целосната и потребна документација е веќе доставена до надлежните служби, а паркот продолжува да работи. Така, случајот отвора уште една епизода во вечната дилема за надлежностите меѓу Градот, општините и приватните инвеститори, со забавен парк кој во полн ек на зимската сезона се најде меѓу редари, инспектори и законски толкувања.

Зачлени се на нашиот е-билтен