Митева: Настапот на СДСМ е директен напад врз слободата на медиумите

Владината портпаролка Марија Митева остро реагираше по денешната прес-конференција на СДСМ, оценувајќи дека настапот на опозициската партија претставува директен и недозволив напад врз слободата на медиумите. Повод за реакцијата се графиконите и политичките квалификации што СДСМ ги презентираше за одделни телевизии и портали, со кои, според Митева, се врши јавно обележување и дискредитирање на медиуми само затоа што нивната уредувачка политика не им одговара на социјалдемократите.

Таа предупреди дека Македонија „не смее и нема да оди по патот“ на кој, како што рече, во минатото се обидувала да ја турне токму СДСМ – преку јавен притисок и таргетирање на медиуми. Митева потсети дека јавноста добро се сеќава на периодите кога, според неа, опозициската партија од позиција на власт практикувала селективен пристап, притисоци и омаловажување на новинари, истовремено повикувајќи се на слобода на медиумите. Ваквиот настап, смета таа, е знак на „длабока и структурна слабост“ на СДСМ и обид преку јавна стигматизација да се воспостави нов притисок врз редакциите.

Во реакцијата, Митева нагласи дека актуелната влада работи на воспоставување институционални механизми за заштита на новинарите, вклучително и формирање работна група за спречување на SLAPP тужби и одржување континуиран дијалог со медиумските организации и новинарските синдикати. Токму затоа, според неа, е „особено лицемерно“ што политичка партија која декларативно се повикува на медиумски слободи денес јавно ги етикетира медиумите преку прес-конференција.

Според портпаролката, потезите на СДСМ прават сериозна штета врз медиумскиот простор и можат да оставаат долгорочни последици, бидејќи јавните прозивки и графички листи со „неподобни“ редакции создаваат атмосфера на притисок и поделба, наместо на плурализам и дебата. Таа повика ваквите практики јасно да се осудат, со порака дека Владата нема да си дозволи јавно таргетирање и етикетирање медиуми, независно од нивната уредувачка политика.

Зачлени се на нашиот е-билтен