Редакцијата на „Трн“ по втор пат ги додели своите симболични признанија за иницијативи, колективи и поединци кои во 2025 година со работа, ангажман и храброст придонесоа кон поинклузивно, поправедно и посолидарно општество. На свеченоста, во фокус беа оние што секојдневно, најчесто без голема видливост, го туркаат општеството кон промени – преку граѓански активизам, јавни интервенции и борба за права.
Од редакцијата порачаа дека со овие признанија испраќаат јасна порака: општествените промени не започнуваат од големи декларации, туку од конкретни дела и локални иницијативи, од луѓе кои одбиваат да молчат пред неправдата. Жирито, составено од новинарскиот и уреднички тим на „Трн“, ги следело процесите на терен – од борбата за чиста животна средина, преку женските и младинските иницијативи, до заштитата на јавното здравје и правата на маргинализираните заедници.
Категориите во кои се доделуваат признанијата симболично ги мапираат клучните линии на општествена борба. Наградата „Женски ТРН“ годинава отиде кај Сара Миленковска, за доследниот активизам за женски права, јасниот јавен говор и отворањето простор за теми што често се премолчуваат, и кај асоцијацијата ХЕРА, за акцијата „Ни требаат 365 дена активизам, а не 16 дена симболика“ и за системската заложба за телесна автономија и родова правда.
„Здрав ТРН“ за заштита на јавното здравје беше доделен на иницијативата Support Kochani, за целата мрежа на активности за поддршка на повредените и семејствата на загинатите во трагедијата во Кочани, вклучително и отворањето на Младинскиот центар „Гнездо“ и акциите за медицинска и хуманитарна помош.
Наградата „Младински ТРН“ ја доби Емир Хасановиќ, за неговиот медиумски настап со постизборна анализа од перспектива на младите, во кој отворил теми за генерацискиот јаз, политичката свест и местото на младите во општеството. Во категоријата „ТРН на еднаквоста“, посветена на правата на Ромите, признанија добија Europe House за аудиобајките „Сјајни ѕвезди – бајки раскажани од Ромите од Европа“, достапни на ромски, македонски и албански јазик, и Ѓултен Мустафова од „Ромалитико“ за нејзиниот активизам за правата и достоинството на жените Ромки и на ромската заедница во целина.
Со „Интервентниот ТРН“ беа одбележани гласовите кои храбро и без компромис проговорија во јавниот простор. Признание доби колективот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, за јавниот говор на свеченоста по повод градските награди „3-ти Ноември“ и јавното застапување за нова театарска зграда, како и иницијативата „Кој е следен?“ за континуираниот притисок во јавниот простор, борбата против системската корупција и барањето правда за жртвите.
Наградите на „Трн“ немаат финансиска тежина, но токму затоа носат силна симболична порака – дека ангажманот, солидарноста и непристајувањето на неправда вредат јавно признание. Со второто издание на признанијата, „Трн“ ја потврдува амбицијата да не биде само медиум што известува, туку активен актер во градењето на критичка јавност и општество кое се потпира на упорни, храбри гласови, а не на молк.
Извори: Trn.mk.