Филипче за протестот на ДУИ: Театар за дефокус од „мигранти за пари“

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денешниот протест во Скопје, кој ДУИ го организираше како поддршка за поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово (ОВК/УЧК) обвинети за воени злосторства пред Специјализираните совети во Хаг, го оцени како „смислена и изрежирана“ акција за да се одвлече вниманието од темата за мигрантите.

Филипче порача дека, наместо расправи за „војна“ и теми од минатото, фокусот треба да биде на тоа „што ќе правиме со мигрантите“, оценувајќи дека токму таму е „главниот проблем“. „Кога сакаме да гледаме претстава, одиме во театар“, рече Филипче, додавајќи дека прифаќање мигранти би значело „засекогаш“ затворање на европската перспектива за државата.

Протестниот собир се одржа на плоштадот „Скендербег“, со забележливо полициско присуство и повремени застои во сообраќајот во поширокиот центар. На собирот се вееле албански знамиња и обележја поврзани со ОВК, а демонстрантите скандирале пароли во поддршка на обвинетите поранешни функционери и команданти. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на собирот ја повтори тезата дека процесот против Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими е политички мотивиран и побара, како што рече, „правда“ за нив.

Филипче, пак, го стави собирот во рамка на пошироката политичка конфронтација околу мигрантската политика, тврдејќи дека јавноста намерно се влече кон „циркуси“, тужби и стари политички пресметки, за да се релативизираат, како што ги нарече, „мигрантите за пари“. Во таа линија, СДСМ изминатите денови најави и активности, меѓу кои и онлајн петиција, во врска со наводи што се појавија во дел од британските медиуми за разговори околу можен „повратен хаб“ за одбиени баратели на азил.

Зачлени се на нашиот е-билтен