Редакцијата на порталот Рацин.мк во три наврати испрати барање преку електронска пошта на адреса на Министерството за надворешни работи и меѓународна трговија (МНРМТ) со кое замоливме, за потребите на анализата што ја правиме за службените патувања на министрите во Владата, да ни дадете информација за:
– Бројот на службените патувања на министерот за надворешни работи и меѓународна трговија;
– Во кои земји и на кои настани биле организирани тие патувања;
– Колку дена траело секое патување;
– За кои од нив трошоците биле на товар на министерството, односно на владините служби, а за кои од нив трошоците биле покриени од домаќините на настаните, ако имало такви.
Наведовме дека информациите за овие службени патувања да го опфатат периодот од почетокот на извршување на должноста на министерот, заклучно со 31 октомври 2025 година.
Првиот мејл со оваа содржина беше испратен на 4 ноември. Вториот, како потсетување беше испратен на 19 ноември и последниот, овој пат според постапката за пристап до информации од јавен карактер, беше испратен на 24 ноември, откако на првите две обраќања не добивме одговор.
Денеска, на 16 декември, добивме одговор потпишан од Веле Трпевски, директор на директоратот за организациони работи во МНРМТ, во кое не информираат дека „работењето на министерот вклучува бројни патувања во бараниот период кои уредно и јавно се објавени на официјалната веб страница на МНРМТ (наведен линк до соопштенија) и на официјалниот Фејсбук профил на министерот (наведен линк)“.
Редакцијата на Рацин.мк смета дека овој одговор не соодветствува со нашето барање кое се однесува на повеќе аспекти за службените патувања на министерот.
Нашето мислење е дека упатувањето на веб страницата на МНРМТ и на Фејсбук страницата на министерот е крајно непрофесионално, нетранспарентно и подбивачки.
Наместо МНРМТ да обезбеди збирна информација, согласно спецификте на нашето барање, и на обврските што произлегуваат од Законот за пристап до информации од јавен карактер, избра „мангупски“ да си поигрува со медиумите и со јавноста.
Со овој начин на комуникација МНРМТ ги потценува медиумите – наместо отчетен извештај, наведува линк до ФБ страната со музички видеа на министерот.
Од овие причини, ги информиравме МНРМТ, редакцијата Рацин.мк ќе достави жалба до Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Инаку, Рацин.мк вакви барања за информации за службените патувања на министрите, испрати и до Министертсвото за европски прашања и до Министерството за култура и туризам, од каде што, до денес, немама одговор.
Единствено транспаретнто и оприлични брзо добивме одговори на нашите прашања од Министерството за енергетика, рударство и минералну суровини, коишто беа веќе објавени.