Два патнички авиона на лет кон Варшава примија закани за поставени бомби, по што аеродромот Варшава-Модлин беше итно затворен за сообраќај. Во тек е евакуација на 181 лице од едното летало, додека вториот авион се проверува на главниот аеродром Шопен.
Авион од типот „боинг 737 МАКС“ на полската национална компанија ЛОТ, кој сообраќал на релација од лондонскиот аеродром Хитроу кон главниот аеродром Шопен во Варшава, поради информација за експлозивна направа бил итно пренасочен кон помошниот аеродром Модлин.
Авионот безбедно слетал во Модлин во 10:01 часот по локално време, само седум минути по добивањето на заканата. Леталото веднаш било изолирано на посебна безбедносна позиција на пистата. Надлежните служби започнаа евакуација на сите 181 патници и членови на екипажот, по што специјализирани полициски тимови за антитероризам и деминирање започнаа детален преглед.
Управата на аеродромот Варшава-Модлин соопшти дека комплексот останува целосно затворен за сообраќај до завршување на безбедносните проверки, нагласувајќи дека заштитата на патниците и персоналот е главен приоритет.
Речиси истовремено, дојава за поставена бомба пристигнала и за патнички авион на авиокомпанијата САС на линија од Копенхаген за Варшава. Овој авион безбедно слетал на аеродромот Варшава-Шопен, каде што исто така се спроведуваат строги безбедносни протоколи и детална антидиверзиска проверка.

