Форбс листа на 50 највредни спортски тимови во светот: Европските клубови речиси незабележливи

Цените на спортските франшизи достигнуваат рекордни нивоа, при што вкупната вредност на 50-те највредни спортски тимови во светот изнесува неверојатни 353 милијарди долари. На врвот на листата повторно се наоѓа еден добро познат спортски бренд Далас Каубојс, чија вредност сега се проценува на дури 13 милијарди долари, покажува најновото рангирање на Forbes.

Пред само шест години, највредниот спортски тим во светот вредел пет милијарди долари. Денес, таа сума не би била доволна ниту за влез меѓу првите 50. Далас Каубојс се број еден секоја година од 2016 година наваму, но нивната актуелна проценета вредност е на сосема ново, „стратосферско“ ниво.

Вкупно, 50-те највредни тимови во светот вредат повеќе од 353 милијарди долари, односно во просек 7,1 милијарда долари по тим. Тоа претставува раст од 22 проценти во однос на 2024 година и повеќе од двојно зголемување за само четири години. Осум франшизи меѓу првите 50 забележале меѓугодишен раст од најмалку 30 проценти. Во оваа бројка не се вклучени Ферари и Мерцедес од Формула 1, чии вредности од 2023 година пораснале за 58 проценти, но Forbes не ги проценувал минатата година.

Кој доминира на врвот

Една година откако Каубојс го „отвориле клубот од 10 милијарди долари“, на таа елитна листа се приклучија уште четири тима: Голден Стејт Вориорс (11 милијарди долари), Лос Анџелес Ремс (10,5 милијарди), Њујорк Џајантс (10,1 милијарда) и Лос Анџелес Лејкерс (10 милијарди). Веднаш зад нив се Њујорк Никс со 9,75 милијарди долари, како шести највреден спортски тим во светот.

Според Forbes, драматичниот раст на вредноста на спортските тимови во последните две децении во голема мера е резултат на експлозијата на приходите од медиумските права. Така, НБА минатата година потпиша 11-годишни договори за ТВ-преноси со ABC/ESPN, NBC/Peacock и Amazon Prime Video, вредни околу 76 милијарди долари, односно 6,9 милијарди годишно – речиси четири милијарди повеќе годишно во споредба со старите договори. Година претходно, НФЛ договори пакет што гарантира најмалку 125,5 милијарди долари приходи до 2033 година.

НФЛ и НБА водат убедливо

Со зголемената распределба на приходите од лигите, но и со огромните суми од спонзорства и премиум-седишта, НБА и НФЛ франшизите бележат раст на просечните приходи од 141, односно 91 процент во последната деценија. Денес тие изнесуваат околу 417 милиони долари за НБА и 662 милиони долари за НФЛ. Бидејќи вреднувањето на спортските тимови најчесто се базира на мултипликатори на приходи, секој дополнителен долар директно ја крева нивната пазарна цена.

Дополнително, вредностите не се одредуваат исклучиво според економските показатели. Секоја голема продажба на тим често станува нов репер за целата лига. Најочигледен пример е купувањето на Лос Анџелес Клиперс од страна на милијардерот Стив Балмер во 2014 година за две милијарди долари. Само една година претходно, Forbes ги проценувал Клиперс на 575 милиони долари. Таа трансакција драстично ги „ресетирала“ вреднувањата во НБА.

Европскиот фудбал во сенка

Иако глобално вредностите растат, европските фудбалски клубови далеку заостануваат зад американските лиги. Додека вредноста на 32-те НФЛ франшизи годинава пораснала за 25 проценти, 20-те највредни европски фудбалски клубови забележале раст од само 5 проценти. Причините се стагнација на ТВ-приходите, растечки трошоци и големи долгови.

Поради тоа, фудбалот денес сочинува само четири од 50-те највредни спортски тимови во светот – два клуба од шпанската Ла Лига и два од англиската Премиер лига. Тоа е значителен пад во однос на претходните години, кога имаше по седум европски клубови на листата. Манчестер Сити, Баерн Минхен и Пари Сен Жермен годинава целосно испаднаа од топ 50.

Реал Мадрид е највредниот европски клуб на листата со 6,75 милијарди долари и се наоѓа на 20. место. Интересно, токму Реал беше последниот тим што пред една деценија беше повреднуван повеќе од Далас Каубојс. Денес, мадридскиот клуб вреди речиси двојно помалку од американскиот НФЛ-гигант.

Формула 1 повторно меѓу елитата

Формула 1 се враќа на листата по едногодишна пауза, со Ферари и Мерцедес, чија вредност сега се проценува на најмалку шест милијарди долари по тим. НБА, пак, има дури 12 тимови меѓу највредните 50, додека НФЛ доминира со неверојатни 30 од своите 32 франшизи.

Ако НФЛ е финансиски „воз без сопирачки“, тогаш Далас Каубојс се неговата локомотива. Минатата сезона, нивниот приход надмина 1,2 милијарди долари, бројка што најдобро објаснува зошто 2015 година денес изгледа како далечна ера на „кожни кациги“, кога станува збор за вредноста на спортските тимови.

Зачлени се на нашиот е-билтен