Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија, ја прифати како основана претставката поднесена од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија против новинарот Бранко Героски, поради прекршување на членовите 10, 15 и 16 од Кодексот на новинарите на Македонија.
Советот во состав Огнен Јанески (претседател), Мира Костиќ, Александар Самарџиев и Бесим Шабани утврди дека на 20 октомври 2025 година, на интернет-порталот „Плусинфо“, во текстот на новинарот Бранко Героски со наслов: „Извини Филипче, ама ти или си будала, или некој опасно те брлави – не ти кажа Зоќе да не се закачаш со мене?!!“, се користи навредлив, агресивен и заканувачки речник насочен кон претседателот на СДСМ, Венко Филипче, со јасни елементи на лична пресметка, омаловажување и вербална агресија, што е неспојливо со основните начела на професионалното и етичко новинарство.
Советот оцени дека употребата на изрази со насилен и заканувачки карактер, како и директни навреди, претставува говор што поттикнува агресија и создава непријателска атмосфера во јавниот дискурс. Со тоа е повредена обврската новинарот да не говори со јазикот на омразата и да не поттикнува насилство.
Советот утврди дека начинот на изразување, тонот и содржината на текстот се во целосна спротивност со обврската за негување култура на говорот, етиката и пристојната комуникација со јавноста. Ваквиот јавен настап е недоличен и непримерен, особено имајќи го предвид долгогодишното искуство и влијанието на авторот во јавниот простор.
Во однос на член 16 од Кодексот, Советот констатира дека текстот не претставува новинарска анализа, коментар или критика од јавен интерес, туку лична пресметка со јавна личност. Со тоа, медиумот е употребен како средство за приватен конфликт, што е спротивно на етичките стандарди и улогата на новинарството во демократското општество.
Советот на честа му укажува на новинарот Бранко Героски дека ваквиот начин на јавно изразување го нарушува угледот на новинарската професија и ја поткопува довербата на јавноста во медиумите. Се препорачува во иднина да се придржува до начелата на Кодексот на новинарите, особено во делот на културата на говорот, професионалната дистанца и почитувањето на јавниот интерес.