Сметките за струја ќе се зголемат од 57 денари за „штедливите“, до 900 денари за „трошаџиите“

струја

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) ја информира јавноста дека изврши корекција на доставената предлог одлука за финалната цена од страна на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме.

Од 1 јануари 2026 година наместо предложеното зголемување од 7,66 % што ЕВН ХОМЕ го достави во одлуката, РКЕ по спроведени анализи и повторни пресметки, одлучи во прв блок да има корекција од 2,45 % . Во втор блок цената ќе се зголеми за 2,87%, додека предлог зголемувањето на ЕВН ХОМЕ е 8,54%. Во трет блок цената ќе се зголеми за 3,32% иако беше предложено да има зголемување од 9,63% и во четврт блок зголемувањето е 3,84 %, наместо предложените 11,86%.

Во однос на евтината тарифа, ЕВН Хоме предложи зголемување за 3,96%, додека РКЕ одлучи истата да се корегира за 2,50%.

„Водејќи се од начелото на транспарентност и имајќи го во предвид јавниот интерес кога се во прашање цените на енергијата и енергенсите кои РКЕ ги регулира или контролира, како и до сега така и денес ги споделуваме во детали одлуките, односно во конкретниот случај одлуката за ЕВН ХОМЕ. Регулаторните анализи покажуваат дека сметките на домаќинствата кои користат електрична енергија во прв и втор блок ќе се зголемат за 2,59 %, додека оние кои што имаат потрошувачка и во трет блок – сметката ќе се зголеми за 2,79%. “ изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ

РКЕ оценува дека ЕВН Хоме го има применето тарифниот систем, но во предлог – одлуките за нови цени и распоредот на трошоците по блокови не е применет клучниот регулаторен принцип, а тоа е урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и корисниците, односно потрошувачите. Регулаторот има за цел да дефинира крајни цени што ќе гарантираат услови за непречено снабдување со електрична енергија, при што внимаваме да се заштитат потрошувачите од ценовен шок. Податоците покажуваат дека вкупно 64% од потрошувачите имаат потрошувачка во првиот блок, додека скоро 21 % им се тарифира и во втор блок, додека третиот блок го користат 1,73 % од потрошувачите.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, на прес конференција соопшти дека со овие покачувања на цената, сметките за електрична енергија од 1 јануари идната година ќе се зголемат од 57 денари за домаќинствата што трошат само во првиот блок, до 900 денари за „трошаџиите“ кои влегуваат и во најскапиот, четврти блок.

За оние потрошувачи помеѓу, односно за домаќинствата во првиот и вториот блок, месечните сметки ќе се зголемат за 70 денари, а за оние што трошат струја во првиот, вториот и третиот блок зголемувањето ќе биде 370 денари.

Бислимоски информираше дека оваа одлука е конечна и дека ќе се применува од Нова година, а е донесена и покрај барањето на ЕВН хоум за значително поголемо зголемување на цената на струјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен