Муцунски му врати остро на Ахмети: 2025 сме, каде со фолклор од пред 20 години

Условите што Али Ахмети ги пласираше по конгресот на ДУИ – „извршен Бадентер“ при избор на влада и двојно мнозинство во Уставниот суд за укинување закони донесени со Бадентер – предизвикаа остра реакција од шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Во интервју за „360 степени“ на МРТ, Муцунски оцени дека лидерот на ДУИ „живее во политички фолклор од пред 20 години“, а барањата ги нарече нереални и уставно-правно нелогични.

Реториката на Ахмети дојде во момент кога ДУИ се обидува да ја редефинира позицијата од опозиција и да ја постави својата агенда како предуслов за учество во некоја идна владина комбинација. На конгресот, Ахмети говореше за нов „Национален договор за напредок“, најави ветинг со меѓународен надзор за функционерите во последните 34 години и предложи три клучни мерки: избор на влада со двојно мнозинство, „Бадентер“ и во Уставниот суд и продлабочена децентрализација. Во неговото образложение, двојното мнозинство при избор на влада би требало да обезбеди „двоен легитимитет“ и реална застапеност на заедниците, додека „Бадентер“ во Уставниот суд би го ограничил поништувањето на закони што биле изгласани со двојно мнозинство во Собранието.

Муцунски, пак, инсистира дека Бадентер е дел од уставниот поредок, но дека тој механизам има конкретна намена и не може да се пресади таму каде што не постои. Неговата клучна теза е дека Бадентер не се користи за избор на влада, ниту пак за гласање во Уставниот суд. Тој предупреди дека прифаќањето на таква логика би го претворило Уставниот суд во „алтернативен, втор законодавен дом“, што, според него, е спротивно на функцијата на судот како контролор на уставноста и законитоста.

Во сржта на спорот е прашањето што точно е „Бадентер“ и каде му е местото. Во уставната архитектура, двојното мнозинство се врзува за чувствителни области што директно ги засегаат правата и идентитетските прашања на немнозинските заедници – култура, јазици, образование, лични документи и употреба на симболи – при што спорот околу тоа дали некој закон спаѓа во таа категорија го решава Комитетот за односи меѓу заедниците. Тоа е механизам за балансирање во законодавната власт, не „универзален клуч“ за секоја институција. Токму затоа, пренесувањето на Бадентер во изборот на влада би значело воведување дополнителен политички филтер што практично ја менува логиката на парламентарното мнозинство, а пренесувањето во Уставниот суд би значело нов модел на одлучување што би барал уставни интервенции.

Реакцијата на Муцунски оди и чекор понатаму – од правниот аргумент кон политичката дијагноза. Тој сугерира дека Ахмети ја „враќа“ дебатата две децении наназад затоа што му е стеснет политичкиот простор и нема тема што може да ја капитализира пред помладите генерации. Во истиот настап, Муцунски оцени дека токму ваквиот пристап е причина поради која ДУИ ќе остане подолго во опозиција, претставувајќи ја партијата како заглавена во стар модел на политичко преговарање, наместо во агенда за животен стандард и реформи.

Зачлени се на нашиот е-билтен