Во град без активна индустриска зона, без поголеми инвестиции и нереализирани планови за економски развој со години, младите од Радовиш најдоа сопствен пат до повисоки приходи — преку диспечерските компании што работат исклучиво со американскиот транспортен пазар. Во недостаток на фабрики, токму овие фирми станаа најатрактивната „индустрија“ во градот, обезбедувајќи плати кои локалниот пазар не може да ги понуди. Околу 200 млади веќе работат во вакви компании, а секој месец во локалната економија се слеваат најмалку 200.000 евра од нивните приходи.
Ова се издвојува во сторијата „Диспечерските фирми го оживуваат Радовиш додека индустриската зона стои празна“, објавена на пораталот Локалактив.мк, во која се истакнува дека младите од овој град, Не чекајќи да оживее радовишката Технолошка индустриска развојна зона (ТИРЗ), сами ја пронајдоа својата „индустрија“. Само што таа не е на влезот од градот, туку во канцеларии исполнети со слушалки, компјутери и американски бројачи на товар.

Еден од нив е Томе Мајсторски, кој денес раководи со диспечерска компанија и ја објаснува приказната одвнатре:
„Започнав да ја работам оваа работа пред околу шест години во една компанија како практикант. Тие ми дадоа шанса, се трудев, стигнав до диспечер после неколку месеци. Тогаш примарно се занимавав со наоѓање товар за камиони на ниво на САД. Во истата компанија по неколку години станав диспеч-менаџер. Кога стекнав доволно искуство и на таа позиција, по што увидов дека не можам да напредувам, ми беше пружена шанса од страна на нов претставник кој поседува камиони во САД и кој бараше човек кој ќе ја води целата работа тука во Радовиш“, посочи Мајсторски.
Според него, оваа работа е како младите да работат во странство, а да живеат дома, односно земаат странски плати и ги трошат дома, во својата земја.
„Иако смената е најголемиот проблем, бидејќи се работи по 8-9 часа, и се завршува со работа околу 22-23 часот, платите се прилично добри, а токму таа е причината зошто тие сакаат да ја работат оваа работа. На ниво на Радовиш има околу 200 луѓе вработено во таков тип на компании, најчесто млади. Во просек таа група на луѓе заработува 1.000 евра, што значи дека околу 200.000 евра се влеваат во Радовиш секој месец благодарение на овие компании. На пример, истите работници овде заработуваат многу повеќе од оние во Струмица, но во исто време во Штип и Скопје има многу вакви компании каде заработувачката е уште поголема“, вели Мајсторски.
И општината е свесна дека индустриска зона мора да има
Општина Радовиш пред две години направила Стратегија за локален економски развој за периодот од 2023 до 2028 година. Во неа е наведено дека Општина Радовиш треба да се посвети на повеќе области: пазар на работна сила, социјален развој и инфраструктура, идентификување на карактеристиките на развојот, идентификување на подрачја со специфични развојни потреби итн.
Како јаки страни за локалниот економски развој на општината се наведени добра географска положба и сообраќајна пристапност на општината и постоење на индустриски зони и ТИРЗ зона, а како слаби страни се наведени одливот на квалификувана работна сила, неприлагодени образовни програми соодветни на потребите на бизнис заедницата, слаба промоција на економските потенцијали на општината, слабо ниво на афирмација на инвестициските потенцијали на општината и невработеноста.
Сето ова укажува на тоа дека и општината е свесна дека оваа зона има неискористен потенцијал кој може да отвори работни места за граѓаните во Радовиш.
Радовиш е уште еден пример за град кој веќе цела деценија живее со нереализиран потенцијал – модерна индустриска зона која никогаш не заживеа. Наместо очекувани фабрики и инвеститори, празнината ја пополнија младите кои самите си создадоа алтернативна „индустрија“ преку диспечерските компании што работат за американскиот пазар. Токму тие, а не државните планови, денес ја движат локалната економија и носат по 200.000 евра месечно во градот.
Но, диспечерството може да биде решение само за дел од младите – не за сите. Радовиш останува без клучна инфраструктура која би создала стабилни, долгорочни и разновидни работни места.
*Автор на сторијата „Диспечерските фирми го оживуваат Радовиш додека индустриската зона стои празна“ е Кристијан Трајчов
*Локал Актив е онлајн медиум на локалните заедници од Источниот и Југоисточниот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.
Локал Актив е основан во рамки на проектот „Поттикнување на граѓанскиот ангажман во локалното владеење“, поддржан од Националниот фонд за демократија (National Endowment for Democracy) од САД. Реализацијата на овој проект и формирањето на Локал Актив произлезе од идејата дека непрофитните медиуми на заедницата се од клучно значење за остварувањето на комуникациските права на локалните заедници, а особено на ранливите и маргинализираните групи граѓани.
Локал Актив се надоврзува на активностите на Институтот РЕСИС за унапредување на комуникациските права на граѓаните на локално ниво, преку формирањето на Мрежата од совети на публики во која членуваат повеќе од 60 граѓански организации кои ги застапуваат правата на ранливите групи граѓани низ сите осум региони во РСМ.