Обилните врнежи од дожд во изминатите денови го зголемија водостојот на Вардар во Велес, при што реката денеска е излеана на двете страни од кејот.
На мерното место кај Стариот мост, утрово во 7:30 часот биле измерени 182 сантиметри, што е за 42 сантиметри повеќе во споредба со вчерашните 140 сантиметри. Од Центарот за управување со кризи за МИА посочуваат дека критичната точка за целосно излевање на Вардар во Велес е 259 сантиметри, додека просечното јануарско ниво во изминатите години било околу 82 сантиметри.
Надлежните служби ја следат состојбата, а граѓаните се повикуваат на зголемена претпазливост при движење покрај реката и кејската зона, особено во услови на натопена почва и можни нагли промени на водостојот по нови врнежи.