Македонскиот вицепремиер Иван Стоилковиќ, министер за односи меѓу заедниците, учествуваше во одбележувањето на 9- јануари (Ден на РС), во организација на властите на помалиот ентитет во Босна и Херцеговина, празник и датум кој е прогласен за неуставен и дискриминаторски кон Бошњаците и Хрватите во Босна и Херцеговина, реагира Странката за демократска акција (СДА) во Македонија.
Во соопштението на СДА се наведува дека за организаторите на овој антиуставен настан се очекува Обвинителството на Босна и Херцеговина да поднесе соодветни пријави. Посебно после реакцијата на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), која објави дека прославата на 9 јануари претставува јасно непочитување и неспроведување на конечните и обврзувачки одлуки на Уставниот суд на Босна и Херцеговина.
Милорад Додик повторно испрати пораки, во кои сонува за поделбата на Босна и Херцеговина, а тој сон никако да му се исполни. Прашањето е: Што вицепремиер во македонската Влада, во случајов Иван Стоилковиќ, бара на нелегален настан во Бања Лука, од кој се испраќаат пораки за нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина, прашуваат од СДС
Од СДА посочуваат дека јавноста треба да знае дека македонскиот вицепремиер Стоилковиќ во Бања Лука беше во “одбрано“ друштво и на:
- Милорад Додик, кој е под санкции и забрана за влез во Велика Британија, Словенија, Литванија, Германија, Австрија и Полска
- Род Благојевиќ, поранешен гувернер на американската држава Илиноис, кој претходно беше осуден за корупција
- Никола Шпириќ, член на Колегиумот на Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, врз кого САД воведоа санкции во 2018 година
- Никола Селаковиќ, министер за култура во Владата на Србија, против кого е поднесено обвинение за организиран криминал во Србија
- Ноќни волци, руска мото-група која е на списокот со санкции на Европската Унија поради улогата на нејзините членови во анексијата на Крим.
Јавноста се сеќава дека лани, се истакнува во соопштението на СДА, Додик беше гостин на Стоилковиќ во Скопје, а во македонските институции беше примен со неистакнување на државното знаме на Босна и Херцеговина, што е исто порака против суверенитетот и територијалниот интегритет на државата БиХ. Дополнително, во присуство на премиерот Мицкоски и рускиот амбасадор во државата испрати анти-НАТО и анти–ЕУ пораки, како и пораки со кои се негира и исмејува геноцидот врз Бошњаците во Сребреница. Ова сеќавање е само доказ дека не се работи за некаков инцидент или скандал, туку се работи за континуитет во политиката на македонските институции.
Очигледно е дека власта предводена од премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска Давкова комплетно е ставена во функција на големосрпската агенда на режимот на Александар Вучиќ, не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион на Западен Балкан. Само така може да се толкува нивниот молк, кој претставува поддршка на работењето на вицепремиерот Иван Стоилковиќ Ги повикуваме сите демократски и про-западни политички субјекти во Северна Македонија да го осудат однесувањето на вицепремиерот Иван Стоилковиќ во обидот да даде легитимитет, од позиција на вицепремиер во македонската Влада, во антиуставното дејствување на Милорад Додик и неговите обиди за нарушување на територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.