Пелагониски регион
Битола, Могила и Новаци: Во подрачјата каде што имаше излевање на реките, водата постепено се повлекува од поплавените површини. Нивото на река Црна кај с. Новаци во 18:00 часот изнесува 320 см.
Демир Хисар: Поради оштетување на мостот на Боишка река, локалниот пат кон село Мренога е затворен за сообраќај. Реките се вратени во своите корита, освен реката Црна во атарот на селата Жван и Единаковци, каде сè уште има излевање и се поплавени поголеми земјоделски површини.
Ресен: Како последица на поројните врнежи, поплавени се земјоделски површини, но водата постепено се повлекува. Во текот на денот интервенирано е со една градежна машина за расчистување на коритото на Голема Река.
Југозападен регион
Охрид: На реката Сушица изграден е заштитен насип со багер, со што е спречено понатамошното излевање. Сè уште има поплавени подрумски простории и дворови на повеќе локации.
Струга – с. Мислешево: Поплавени се дворови и обработливи земјоделски површини. Процесот на санација е отежнат поради неможност за изведување на пропуст за истек на водата.
Струга – с. Калишта: Има поплавени дворови и подрумски простории и се преземаат дополнителни мерки за санација и заштита на населението.
Дебар: Реката Радика има зголемен водостој, но засега нема опасност од излевање. Патните правци се проодни, со помали одрони на делниците Жировница – Дебар и Дебар – Струга кои редовно се расчистуваат.
Западен регион
Кичево: Водостоите на Зајашка река и реката Треска се намалени и нема опасност од нови поплави. Во тек е расчистување на поплавените домови, дезинфекција и создавање минимални услови за престој. Евакуираните лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им е обезбедена неопходна грижа.
Вардарски регион
Кавадарци: Во ридско-планинските подрачја интервенирано е со механизација на патните правци Кавадарци – Мушов Гроб – Мрежичко, Мушов Гроб – Михајлово и Страгово – Горна Бошава, каде снежната покривка изнесува до 15 см.
Североисточен регион
Ранковце: Патниот правец с. П’клиште – с. Герман е непрооден поради снежни наноси. Во тек е расчистување. Патот од с. Герман до с. П’клиште е со кашест снег што го отежнува сообраќајот.
Полошки регион
Тетово: На патниот правец Тетово – с. Бањиче, имало падната голема карпа на коловозот. Патот е расчистен и сообраќајот е нормализиран.
Гостивар: На патниот правец кон Маврово, кај каменоломот, е евидентиран одрон и се преземаат активности за негово расчистување.