МВР трага: Саит Саитов е избеган по прегазувањето на жена во Капиштец

МВР објави централна и меѓународна потерница по 18-годишен скопјанец осомничен Саит Саитов дека на 9 јануари на улицата „Народен фронт“ во Капиштец, управувајќи автомобил без возачка дозвола, удрил во пешак и ја усмртил, по што избегал од местото на несреќата и ја напуштил државата.

Според информациите од истрагата што ги соопштија надлежните, несреќата се случила околу 11:30 часот, кога патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски таблички удрило во Љ.Ј. (79) од Скопје. Повредената била пренесена во Ургентниот центар, но подоцна им подлегнала на тешките повреди. Осомничениот, наместо да застане и да укаже помош, избегал со возилото.

Полицијата, како што наведува МВР, преку системот „Безбеден град“, дополнителни камери од околни објекти и изјави од сведоци го идентификувала возилото и осомничениот возач, при што било утврдено дека автомобилот е во сопственост на неговиот татко. Во официјалното соопштение се наведува дека осомничениот и неговиот татко, со помош на уште две лица, ја напуштиле државата истиот ден, а двајцата помагачи се приведени и против нив е поднесена кривична пријава за помагање на сторител по извршено кривично дело.

Јавното обвинителство отвори истрага за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на повредено лице во сообраќајна незгода. МВР соопшти дека потерницата е распишана по барање на ОЈО Скопје за кривично дело по член 300 од Кривичниот законик и дека се преземаат мерки за пронаоѓање и приведување на осомничениот.

Зачлени се на нашиот е-билтен