Под слоганот „Духот на дијалогот“ од 19 до 23 јануари во Давос ќе се одржи 56-от годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) на кој ќе се соберат светските лидери од политиката, бизнисот, граѓанското општество и академската заедница, со цел преку дијалог да се одговори на клучните глобални предизвици и да се утврдат приоритетите за следниот период.
Како што објавија светските медиуми, важен гостин во Давос ќе биде американскиот претседател Доналд Трамп, кој од враќањето на власт во јануари 2025 година спроведе низа мерки што ги потресоа темелите на светската економија.
На Форумот ќе учествуваат и германскиот канцелар Фридрих Мерц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и потпретседателката на кинескиот премиер, но и многу други политичари.
На настанот ќе присуствуваат генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, генералниот директор на Светската трговска организација Нгози Оконџо-Ивеала, претседателот на Групацијата на Светска банка Аџај Банга, како и директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева.
Меѓу 3.000 учесници од 130 земји што се очекуваат во алпскиот одморалиште оваа година, ќе бидат речиси 400 високи политички функционери, вклучувајќи околу 65 шефови на држави и влади, како и 850 извршни директори и претседатели на водечки глобални компании, според веб-страницата на Форумот.
На Форумот во Давос ќе присуствува и македонскиот премиер, Христијан Мицкоски.
Повеќе од 200 панели на Светскиот економски форум ќе бидат емитувани во живо низ целиот свет, велат организаторите.
Повеќе од пет децении, Форумот ги собира лидерите од бизнисот, владата, граѓанското општество, меѓународните организации, академијата и следната генерација за да ги разберат глобалните предизвици и заедно да го движат светот напред.
„Овогодишната програма се гради врз тоа наследство, обликувано од тековната работа на Форумот и најновите глобални случувања и револуционерни иновации“, се вели во соопштението.
Организаторите додаваат дека Давос 2026 претставува неутрална платформа за размена на мислења и барање решенија за заедничките глобални предизвици, од забавување на растот и фрагментацијата на трговијата до безбедноста, климатските промени и забрзаниот развој на вештачката интелигенција.
Програмата е дизајнирана да поттикне идеи, да предложи долгорочни решенија за меѓусебно поврзани предизвици и да отвори нови можности за раст, отпорност и влијание, градејќи ја децениската улога на Форумот како место каде што се среќаваат клучните глобални актери.
Посебен акцент беше ставен на геополитиката и економскиот раст, со дискусии за тоа како да се обнови меѓународната соработка во услови на раскинати сојузи и променети безбедносни парадигми.
Учесниците ќе дискутираат и за нови модели на глобална соработка што би можеле да отворат простор за постабилен и инклузивен раст.
Технолошките теми, особено генеративната вештачка интелигенција, заземаат централно место на агендата, а лидерите од јавниот и приватниот сектор ќе дискутираат за одговорната примена на новите технологии, нивното влијание врз продуктивноста и конкурентноста, како и последиците за пазарот на трудот и општеството како целина.
Форумот ќе се осврне и на „човечката димензија“ на економските трансформации, вклучително и инвестициите во вештини, образование и отпорност на работната сила.
Дискусиите ќе го опфатат и прашањето за растот во рамките на планетарните граници, со фокус на енергетската безбедност, заштитата на природата и управувањето со водните ресурси, според веб-страницата на Форумот.