Точно на пладне денеска ќе се одржи лидерска средба на иницијатива на премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Од опозициските партии засега најава дека ќе учествуваат на средбата има од Левица и од ДУИ, додека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, го одби повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвремени избори“.
Од коалициските партнери во Владата на средбата се очекуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од коалицијата Вреди, градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Според најавите на оваа лидерска треба да се разговара за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
За аналитичарите со оваа иницијатива Мицкоски се обидува да демонстрира државнички капацитет и да ја префрли одговорноста за евентуалните блокади врз опозицијата и да ја изолира опозицијата доколку таа одбие соработка за прашања од национален интерес.
Од дрга страна одлуката на лидерот на СДСМ, Венко Филипче да одбие присуство на средбата, укажува на стратегија на целосна поларизација и негирање на легитимитетот на иницијативите на власта. За СДСМ, учеството на ваква средба би значело давање премолчена согласност за агендата на Мицкоски.
За некои од хорничарите на политичката ситуација кај нас, бојкотот на Филипче може се толкува и како обид да се задржи наративот дека власта е неспособна сама да менаџира со процесите.