Утре цела држава на нозе, масовен протест на сидикатите

ССМ
Фотографија од архивата на ССМ

Под мотото „Денот кога зборуваат работниците“, Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) утре, 28 јануари, најави масовен протест од 17 часот, со барање минималната плата да се зголеми на 600 евра и да има раст од 100 евра за сите останати плати. Протестот е најавен како директен одговор на, како што велат од синдикатот, тешката економска состојба во која платите „не стигнуваат од први до први“, а ако не добијат одговор од Владата и работодавачите, ССМ најавува ескалација со таргетирани блокади и генерален штрајк во јавниот и во приватниот сектор.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ги повика работниците да не се плашат од откази и да излезат во што поголем број, со порака дека „не должат ништо“, туку дека институциите и работодавачите им должат достоинствен живот. Тој оцени дека револтот е голем поради „игнорантскиот однос“ кон работничките барања и посочи дека протестот е и поради разликите меѓу функционерските и работничките плати, тврдејќи дека функционерите си обезбедиле значително покачување, додека за работниците нема суштински раст. Трендафилов изјави и дека протестот е ставен во 17 часот за да се намали притисокот и стравот кај вработените, алудирајќи дека тогаш „газдите не можат да ги препознаат“.

ССМ тврди дека за две години без поголемо зголемување, работниците се посиромашни за 9.500 денари, а само во јануари за дополнителни 1.000 денари. Според синдикалните проценки, околу 200.000 работници живеат со плата под 30.000 денари и практично спаѓаат во категоријата сиромашни. Синдикатот најави и политички силно барање – намалување на функционерските плати за 80 отсто и раст на работничките плати за 6.000 денари – како порака дека товарот на кризата не може постојано да се префрла врз вработените.

Во аргументацијата, ССМ ја спомена и темата за придонесите, тврдејќи дека одлуката на Владата да не субвенционира придонеси во период од 12 месеци, како што се барало во дел од бизнис-секторот, резултирала со пропуштена можност за поголем раст на платите и со значителен фискален ефект преку помал прилив на придонеси. Овие бројки, според синдикатот, се дополнителен доказ дека „изговори нема“, туку дека станува збор за политичка одлука.

Поддршка за протестот најави и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), наведувајќи дека ваквото јавно изразување е достоинствено, особено во медиумскиот сектор каде, според нивните оценки, приходите паѓаат, а условите за работа се влошуваат. На протестот се очекува да се приклучат и синдикати од образование, култура и други структури.

Од друга страна, премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ги најавите, изјави дека минималната плата законски се зголемува во март и дека секој има право да протестира, додавајќи дека Владата ќе поддржи решение што синдикатите ќе го постигнат со работодавачите во рамки на дијалог. Во јавноста реагираа и дел од превозничките здруженија, кои предупредија дека евентуално нагло зголемување на минималната плата без државна поддршка може да создаде сериозни финансиски последици за јавниот превоз. Бизнис-конфедерацијата, пак, порача дека темата за минималната плата треба да се води преку Економско-социјалниот совет и дека секое дополнително зголемување без олеснување на давачките би било тежок товар за стопанството.

Според најавата, протестот ќе започне од пред Работничкиот дом, ќе продолжи кон Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата. Синдикатот порача дека ова е само прв чекор и дека ако не добијат „слух“ за барањата, ќе следуваат нови притисоци што може да ја блокираат работата на институциите и нормалното функционирање на системот.

Зачлени се на нашиот е-билтен