Блокада на границите: Бугарија бара ЕК да преговара со Македонија

Бугарија трпи, како што оценува официјална Софија, „голема економска штета“ од блокадите на граничните премини кон шенген-зоната, а проблемот не е изолиран само за една земја, туку се прелева врз целиот регион. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски во оставка Гроздан Караџов изјави дека економските загуби од застојот на границите со Србија и со Северна Македонија ќе бидат сериозни „за сите земји“, бидејќи нарушувањата во транспортот веднаш го погодуваат снабдувањето и бизнисот во повеќе сектори.

Караџов, говорејќи на Софискиот економски форум, предупреди дека ваквите блокади, освен што ја допираат суштината на правото на слободен премин и слободен транспорт на стоки, создаваат домино-ефект врз економијата и најчесто не водат кон решавање на проблемите. Неговата порака е дека „наместо казнување меѓусебно“, потребен е разговор со институциите што ја носат регулативата – Европската комисија и европските транспортни формати – бидејќи, како што тврди, ниту бугарската влада, ниту друга земја членка немаат директна надлежност да ја сменат одлуката поради која избувна револтот.

Според Караџов, Брисел треба итно да започне преговори со Србија и Северна Македонија и паралелно да се обезбеди деблокирање на границите додека се бара компромисно решение. Тој најави дека ќе иницира разговори со колегите за можност да се отворат „прозорци“ на границите кон Србија и Македонија за да се намали притисокот и штетата, иако оцени дека таков договор тешко ќе се постигне во актуелната атмосфера.

Повод за кризата се блокадите на камионските превозници на граничните премини кон шенген-зоната, поради кои товарниот сообраќај во регионот е во прекин од вчера. Превозниците бараат промени во правилата на ЕУ за електронска евиденција на престој во шенген-зоната, во рамки на познатото правило 90/180 дена, тврдејќи дека сегашниот модел ги „казнува“ професионалните возачи и ја загрозува одржливоста на транспортната индустрија.

Зачлени се на нашиот е-билтен