Државниот завод за ревизија со единица ја оцени работата на Општина Охрид која управува со јавните средства и урбанистичкиот развој. Ревизорите во својот извештај откриваат дека во општината се граделе куќи, викендици и хотелски комплекси без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење. Дополнително, ревизијата утврдила дека 23 угостителски објекти користат јавни површини без соодветно одобрение и без плаќање комунална такса.
Меѓу клучните забелешки е и фактот дека Општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, ниту пак презела мерки за отстранување на бесправно изградените објекти, особено во заштитените подрачја. Ревизорите укажуваат и на незаконско поставување урбана опрема без дозволи и без платени комунални давачки, како и на субвенционирање на јавните претпријатија во вкупен износ од 36,5 милиони денари без донесена Програма и без претходна согласност од Советот на Општината.
„Во постапките за утврдување на правниот статус на бесправно изградените објекти се прекршуваат законските рокови, а наплатата на надоместоците не се следи. Дел од издадените решенија имаат само една извршена уплата, иако надоместот треба да се плаќа во 12 еднакви рати“, наведуваат ревизорите. Советот има донесено 1.748 одлуки за изработка на урбанистичка документација за вклопување на дивоградбите, но и по пет години од нивното донесување – не е постапено.
За објектите кои не можат да добијат урбанистичка согласност, издадени се 4.847 решенија за одбивање, но и покрај тоа не се преземени мерки за нивно отстранување. Ова е случај и покрај фактот што градежните инспектори во периодот од 2019 до 2024 година издале 456 правосилни акти за нелегални градби. Со тоа, како што се наведува во извештајот, се прекршува „Планот за заштита на културното наследство“, особено во заштитените подрачја, меѓу кои и Националниот парк „Галичица“.
Ревизорите укажуваат и на сериозни пропусти во евиденцијата и наплатата на комуналните давачки. Општината не ги евидентира побарувањата за надомест за јавна чистота, иако ЈП „Охридски Комуналец“ со години не ги уплаќа овие средства. Само за 2024 година, претпријатието има обврски од над 22 милиони денари, додека за периодот 2021–2023 година Општината поднела тужби во висина од над 53 милиони денари.
Слична состојба е утврдена и кај комуналната такса за паркирање, која ЈП „Билјанини извори“ со години не ја уплаќа, а обврската надминува три милиони денари. Дополнително, без одлука на Советот е извршен отпис на побарувања од 534 илјади денари, како и на над четири милиони денари претплатни салда, без соодветна документација.
Од Општина Охрид за ТВ 24 изјавија дека веднаш се преземени активности за постапување по дадените препораки, преку утврдување конкретни мерки и задолжувања на надлежните институции и одговорните лица.
Овие забелешки доаѓаат само неколку дена пред доставувањето на извештајот до УНЕСКО од страна на локалните и централните власти, во кој треба да се прикаже што е сработено во текот на минатата година по однос на препораките за заштита на светското природно и културно наследство во Охридскиот регион.