Неработна недела во Црна Гора укината како неуставна

Уставниот суд на Црна Гора на 28 јануари 2026 година ја укина законската одредба со која неделата беше неработен ден за трговијата, оценувајќи дека мерката е неуставна. Станува збор за член 35а од Законот за внатрешна трговија, со кој од 2019 година беше воведено затворање на продавниците во недела.

Според образложението што го пренесоа црногорските медиуми, Судот оценил дека со ваквата забрана се повредува слободата на претприемништвото и уставниот принцип на еднаквост, бидејќи на дел од претприемачите им е дозволено да работат во недела и празници, а на други им е забрането. Во исто време, Судот посочил дека законодавецот може повторно да ја уреди работата во трговијата во недела, но на начин што ќе ги уважи уставните вредности на кои Судот укажал.

Одлуката нема да почне да се применува веднаш. Забраната за работа во недела, како и за време на државни и други празници, останува на сила додека одлуката на Уставниот суд не биде објавена во „Службен лист на Црна Гора“, по што трговците ќе можат да се вратат на неделно работење согласно општите правила и одлуките на работодавачите.

Дебатата за „неработната недела“ во Црна Гора траеше со години, со спротивставени позиции меѓу работодавачите и синдикатите: едните тврдеа дека забраната е дискриминаторна и економски ограничувачка, а другите дека гарантира минимум работнички стандарди и ден за одмор во сектор со традиционално тешки услови на работа.

Зачлени се на нашиот е-билтен