Лажни потписи во Богданци: кривични за тројца за советничка листа

Полицијата поднесе кривични пријави против три лица осомничени дека со злоупотреба на лични податоци и фалсификувана документација се обиделе да поднесат кандидатска листа за членови на Советот на Општина Богданци во пресрет на локалните избори.

Според пријавата на ОВР Гевгелија, 40-годишен жител на Богданци во септември 2025 година, без согласност, ги искористил личните податоци од лична карта и патна исправа на неговата мајка и на уште едно лице и ги предал на 33-годишен скопјанец. Осомничениот од Скопје, како што се наведува, потоа ги употребил тие податоци во постапка за кандидирање пред Општинската изборна комисија Богданци, при што биле фалсификувани и потписите на лицата чии податоци биле злоупотребени.

Третоосомничениот, 45-годишен жител на Скопје, според пријавата, на 13 септември 2025 година во Богданци ги предал така изготвените лажни јавни исправи на членови на Општинската изборна комисија, со цел да се поднесе листа за кандидати за членови на Советот.

Против осомничените се поднесени пријави за „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување исправа“ и „помагање“ во врска со фалсификување, а постапката продолжува кај надлежните органи.

Зачлени се на нашиот е-билтен