Форумот за разумни политики бара в.д. претседателката на Основниот кривичен суд Скопје, Даниела Димовска, да се повлече од функцијата поради, како што наведуваат, сериозни индиции за судир на интереси поврзан со предметите што произлегоа од трагедијата во кочанското кабаре „Пулс“. Според Форумот, Димовска е сестра на Драган Паунов, инспектор во УЈП и еден од обвинетите во случајот, што ја отвора дилемата дали позицијата на првиот човек на најголемиот кривичен суд може да влијае врз довербата во процесот.
Во анализата објавена во рамки на „Индексот за политички интегритет“, Форумот ѝ доделува негативна оценка во категоријата „етичка култура“ и оценува дека самото задржување на челната функција создава ризик од компромитирање на интегритетот на судството. Аргументот е дека претседателот на судот, иако формално не суди во предметот, е „претпоставен“ на судиите што постапуваат и располага со институционална моќ што во чувствителни случаи може да се чита како потенцијално влијание.
Во поширокиот контекст, Форумот наведува дека правичното и неселективно постапување на истражните и судските органи е клучно за враќање на довербата по пожарот во „Пулс“ (16 март 2025), во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во тој рамки, тие посочуваат дека е нужно да се разгледаат сомнежите за можни влијанија и селективност, односно дали и на кој начин позицијата на Димовска може да се рефлектира врз судската постапка во која е опфатен нејзин близок роднина.
Како дополнителен аргумент, во документот се посочуваат околности околу мерките за обезбедување присуство на Паунов во постапката – од барање за ефективен притвор, преку определување домашен притвор, до негово укинување и определување мерки на претпазливост. Во истиот текст се наведува и дека одбраната на Паунов, како и самата Димовска, негирале можност за било какво влијание врз судските одлуки.
Паралелно, Форумот упатува и јавна препорака до Судскиот совет итно да отвори предмет „за заштита на довербата на граѓаните во правдата“, оценувајќи дека Советот има механизми да расправа за можен судир на интереси и да донесе одлука за повлекување или разрешување, по истиот принцип по кој било извршено и назначувањето.
Инаку, предметот за пожарот во „Пулс“ се води во Скопје, откако Врховниот суд во јуни 2025 донесе одлука постапката да се префрли од Кочани, а обвинителниот акт беше одобрен во целост. Судскиот процес е распределен преку АКМИС и треба да го води судијка од одделот за кривично полнолетни.