СДСМ: Владата на Мицкоски призна дека во буџетот недостасуваат 2 милијарди евра

Големиот недостаток на пари ќе доведе до економска криза а потоа, за да земе Владата пари, преку скапи кредити, следува проектот „мигранти за пари“, велат од СДСМ

Социјалдемократите преку соопштение до јавноста реагираат дека Владата предводена од Христијан Мицкоски практично признала дека државниот буџет се соочува со сериозен недостиг на средства. Од партијата посочуваат дека изјавата на министерката за енергетика, Сања Божиновска, во која таа навела дека „Буџетот не е во најдобра состојба, меѓутоа ќе видиме“, претставува директна потврда на тврдењата на СДСМ на кои, како што велат, подолго време предупредувале.

Според СДСМ, ваквата изјава не е изолиран случај, туку јасен сигнал дека финансиската состојба во државата е значително полоша отколку што Владата јавно прикажува. Тие тврдат дека во буџетот недостасуваат околу две милијарди евра, што, според нив, може да има сериозни последици врз економската стабилност и животниот стандард на граѓаните.

„Владата на Мицкоски го потврди она што СДСМ и претседателот Венко Филипче постојано го говорат. Оваа изјава на министерката Божиновска е уште еден доказ дека буџетската дупка е реална. Владата тврди дека нема пари за ништо, освен за сомнителни и криминални тендери, кои непречено продолжуваат“, се наведува во соопштението на опозициската партија.

Од СДСМ обвинуваат дека, и покрај тврдењата дека нема средства, Владата има пари за 161 тендер доделен на една фирма, за 51 тендер за, како што ја нарекуваат, „омилената фирма“ преку општините, како и за девет милиони евра исплатени за двајца вработени. Дополнително, тие посочуваат и на 1,2 милиони евра доделени на фирма блиска до движењето ЗНАМ преку Поштата, што, според нив, отвора сериозни сомнежи за приоритетите на актуелната власт.

Од партијата нагласуваат дека, според нив, единствено за зголемување на платите и пензиите нема пари, што директно ги погодува граѓаните. СДСМ предупредува дека ваквиот недостиг на средства може да доведе до продлабочување на економската криза, по што Владата ќе се обиде да обезбеди средства преку скапи кредити и контроверзни проекти, меѓу кои го посочуваат и проектот „мигранти за пари“.

„Веќе се најавува доаѓање на таканаречени ‘економски работници’, додека Владата одбива да ја зголеми минималната плата на 600 евра. Недостигот од две милијарди евра во буџетот е аларм за сите граѓани“, се наведува во реакцијата на СДСМ.

Зачлени се на нашиот е-билтен