Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги повика граѓаните и компаниите во следните 15 дена да го подмират данокот на имот за периодот 2022–2025 година, со образложение дека станува збор за наталожени обврски што директно го ограничуваат финансирањето на инфраструктурата и јавните услуги.
Според податоците што ги изнесе, неплатениот данок на имот за изминатите четири години изнесува близу 20 милиони евра и го должат 95.562 физички лица и 2.335 правни субјекти. Тој потсети дека претходно веќе биле блокирани 15.000 сметки за неплатен данок на имот за 2021 година, со вкупен износ од 1,3 милиони евра, и порача дека наплатата на старите долгови ќе продолжи.
Во обид да ја оправда мерката со „фискална дисциплина“, Ѓорѓиевски тврди дека во првите два месеца неговиот тим намалил повеќе од 40 милиони евра обврски на Град Скопје и на јавните претпријатија, паралелно со старт на капитални проекти, како и дека е донесен буџет од 5,2 милијарди денари, повисок за 12% во однос на лани.
Апелот за „15 дена“ суштински е порака дека градот ќе оди со поостри механизми за присилна наплата, ако доброволното плаќање не даде резултат. Прашањето што останува отворено е колку брзо Град Скопје може да ја затвори дупката од повеќе години и дали наплатата ќе се спроведе рамномерно – или ќе зависи од тоа кој може да издржи блокирана сметка, а кој не.