Албанскиот премиер Еди Рама најави пакет мерки против лицата кои учествуваат во насилствата за време на протестите во земјата, вклучително и формирање посебен регистар на насилници и ограничување на нивниот пристап до аеродроми, хотели и други транспортни услуги.
Рама најавата ја соопштил на средба со претставници на банкарскиот сектор, оценувајќи дека насилството за време на осумдневните протести е организирано од домашни и странски фактори со цел да се дестабилизира Албанија и пошироко Европа.
Според него, владата наскоро ќе го претстави пакетот мерки, а меѓу планираните активности е и идентификување на лицата кои преку интернет-профили поттикнуваат насилство, како и откривање на демонстрантите кои ги прикриваат лицата.
„Семејствата ќе сносат финансиска одговорност за сè што ќе направи малолетник“, изјавил Рама, посочувајќи дека слични решенија примениле и Италија и Франција.
Тој најавил и соработка со земјите од Европската Унија за да им се ограничи патувањето на лицата кои учествувале во насилствата. Според Рама, тие би биле внесени во посебен регистар, а би можеле да се соочат и со ограничувања при пристапот до одредени јавни и транспортни услуги.
Албанскиот премиер направил разлика меѓу насилните инциденти и правото на граѓаните мирно да протестираат и да бараат промени. Тој тврди дека зад насилството стојат различни групи, меѓу кои криминални и политички актери, како и странски фактори.
Протестите во Тирана се одвиваат во атмосфера на пошироко незадоволство од владата на Рама. Во нив учествуваат студенти и средношколци, а барањата за промени се поврзани со состојбите во образованието, корупцијата и поширокото незадоволство од владеењето.
Насилните судири меѓу демонстрантите и полицијата ја зголемија политичката напнатост, додека Рама порачува дека владата нема да дозволи насилството да стане средство за политичка промена.

