Театарот Санназaро изгоре во Неапол, десетици евакуирани

Screenshot

Театарот Санназaро, еден од историските симболи на неаполската сцена, изгоре во голем пожар што избувна рано утринава, 17 февруари, во квартот Кјаја, во близина на Виа Кјаја, по што италијанските служби евакуираа жители од околните згради, а неколку лица завршија во болница поради вдишување чад.


Пожарот, според првичните информации од италијанските служби и медиуми, започнал на разденување и брзо се проширил кон објектот на театарот. Густ чад се ширел над централното градско подрачје, а противпожарните екипи интервенирале со часови за да го локализираат огнот и да спречат ширење кон соседните објекти.

Пламените јазици зафатиле голем дел од внатрешноста на театарот, а според извештаите се урнал и дел од покривната конструкција, при што објектот претрпел тешки оштетувања. Истражителите, според италијанските агенции, ја разгледуваат верзијата дека станува збор за несреќен случај, но конечните причини ќе зависат од наодите на истрагата.


Надлежните евакуирале десетици жители од непосредната околина, а дел од медиумите пренесуваат дека станува збор за околу 20 до 25 семејства. Најмалку четири лица побарале лекарска помош поради интоксикација од чад, додека засега нема информации за жртви.

Зошто Санназaро е важен за Неапол
Театарот Санназaро, отворен во 19 век, важеше за едно од препознатливите места на неаполската театарска традиција и комедија. Градските власти изразија жалење за загубата и најавија дека ќе се бара начин театарот да се обнови, паралелно со проценка на штетите и обезбедување на просторот.

Зачлени се на нашиот е-билтен