Премиерот Христијан Мицкоски денеска (18 февруари 2026) изјави дека го користел владиниот воздухоплов четири пати, реагирајќи на медиумски написи за тоа колку пати и за која намена бил ангажиран авионот. Во објаснувањето, Мицкоски призна дека при враќање од Сплит го испуштил комерцијалниот лет, по што побарал владиниот авион да дојде по него и да го врати во Скопје, бидејќи следниот ден имал „неодложни обврски“, притоа не објасни дали неговото семејство патувало назад со владиниот авион и на чив трошок.
Според премиерот, првото користење било за патување поврзано со средба во Будимпешта на покана на Виктор Орбан, при што, како што рече, кон Виена патувал со комерцијален лет затоа што член на екипажот што управува со воздухопловот имал приватни обврски и не можел да ја одработи релацијата. Владиниот авион, како што објасни, потоа дошол по него за враќање поради итни состаноци во Скопје, а престојот го искористил и за настап на настан организиран од Фидез.
Второто користење, според него, било за настан на истата сестринска партија во Белград, при што рече дека тогаш „и отишол и се вратил“, и дека патувал сам, заедно со обезбедувањето.
Третото патување било кон Сплит, каде што, според премиерот, пристигнал со комерцијален лет на Croatia Airlines на покана на Зоран Милановиќ за работна вечера. Тука тој наведе дека годишниот одмор што требало да трае три дена го продолжил за уште еден ден, поради што го испуштил повратниот лет за Скопје, а потоа побарал владиниот воздухоплов да го земе од аеродромот во Сплит и да го донесе дома. Притоа, Мицкоски не појасни дали на ова патување бил сам или со членови од неговото семејство.
Четвртото користење, како што рече, било деновиве за патување до Тирана и назад, заедно со шефот на кабинетот и советникот за надворешни работи, амбасадорот Марковски. Најави и дека „најверојатно“ на почетокот на јуни ќе го користи владиниот воздухоплов до Подгорица и истиот ден ќе се врати, повторно со образложение дека не сака да остане повеќе од еден ден поради обврските во Владата.