Најтешките денови ги живее Фудбалскиот клуб Победа, така што само заедништвото е излез од кризата. За да го има тоа заедништво меѓу прилепчаните клубот ги повика навивачите на масовен собир на Грдаскиот стадион „Гоце Делчев“ денеска во 14.00 часот.
По тој повод, подолу е и соопштението испратено од Управниот одбор на ФК Победа, предводен од извршниот директор Филип Илиоски:
„Упатуваме повик до пошироката јавност за присуство на собирот, организиран од Фудбалскиот клуб „Победа“. Собирот е во вид на мини-трибина, со цел сите заинтересирани да добијат објаснување на моментната ситуација во којашто се наоѓа клубот и со можност за изнесување предлог-идеи и предлог-решенија за сега и понатаму, за конкретно расчистување на сите дилеми и недоумици во врска со настапот на сениорската екипа во пролетниот дел од Втората фудбалска лига на Македонија, во сезоната 2025/2026.
Повикот е до сите новинари, фудбалери, фудбалски работници, граѓани, жители, функционери и вработени во Општината Прилеп, компании, стопанственици, засегнати и заинтересирани во врска со клубот, заинтересирани за помагање или страни коишто бараат враќање на долгови од клубот, буквално секој што го интересира, сака да праша и нешто сака да каже во врска со Победа. Собирот е закажан за четврток, 19 февруари 2026, во 14.00 часот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп“.
Од клубот велат дека се подготвени на сите одлуки – негативни – прекин на учеството во Втората лига, но и позитивни, односно да се најде решение во последен момент и одлука за продолжување на одигрување на првенствените мечеви, почнувајќи од сабота со ФК Новаци.