Оваа сабота, на 21 февруари, со почеток во 18 часот, во книжарницата „Литература“ во „Дајмонд мол“ ќе се одржи промоција на втората од петте книги за деца од серијалот „Музичка кутија“, на авторката Тина Иванова.
На настанот ќе биде промовирана книгата „Магичната флејта на Вулфи“, по што ќе следува камерна претстава за деца. Промоцијата ќе започне со кус разговор помеѓу уредничката на изданијата, Бисера Бендевска, и авторката Тина Иванова, преку кој ќе биде претставена сликовницата. По разговорот, претставата ќе биде збогатена со изведба на дела на пијано и флејта од славниот Волфганг Амадеус Моцарт.
„Магичната флејта на Вулфи“ раскажува за малечкиот, пргав и љубопитен Вулфи, чија истражувачка мисија го води до визбата на неговиот татко, каде ќе ја пронајде волшебната флејта. Токму таа ќе му помогне да го развие својот музички талент. Книгата е илустрирана од Рената Јосифовска.
Книгите се во издание на „Арс Ламина“ во едицијата „Либи“.