Продуктоводот Скопје–Солун подготвен: завршија техничките контроли

Заврши техничката контрола и верификацијата на мерниот систем на продуктоводот Скопје–Солун, преку кој треба да се пренесуваат горива од солунската рафинерија до „Окта“. Со ова, по 13 години повторно се отвора можноста системот да биде ставен во редовна функција, како дел од пошироките напори за посигурно снабдување со нафтени деривати и модернизација на енергетската инфраструктура.

Проверката, според информациите од надлежните, ја спровело Бирото за метрологија, со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, а во присуство и на царинската служба. Целта била да се потврди дека мерната опрема работи прецизно и сигурно и дека ги исполнува метролошките стандарди што се клучни за транспарентно функционирање на системот, особено кога станува збор за транспорт на деривати, каде мерната точност директно влијае на контролата, пресметките и довербата во целиот процес.

На завршната контрола присуствувала и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, која порачала дека техничката исправност и точноста на мерењето се предуслови за безбедно и транспарентно работење на вакви инфраструктурни системи, а меѓународната верификација, според неа, е сигнал за стабилност и долгорочна енергетска сигурност.

Продуктоводот првично е пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта. По 2013 година, според податоците, во него се инвестирало за пренамена за транспорт на дизел гориво. Станува збор за систем долг 213,5 километри, со 15 блок-вентил станици за управување и безбедност, складишни капацитети од 80.000 кубни метри во Грција и 30.000 кубни метри во Северна Македонија, како и SCADA систем што во реално време следи притисок, температура и проток.

Системот добил лиценца за работа во 2023 година, а со него стопанисува компанијата VARDAX, подружница на EL.P.ET Balkaniki S.A. Во практична смисла, ставaњето на продуктоводот во полн капацитет повторно го отвора прашањето за тоа колку државата и пазарот ќе умеат да ја искористат инфраструктурата што постои, но со години беше надвор од игра, во време кога сигурноста во снабдувањето и ценовните шокови на енергенсите станаа секојдневна тема и за фирмите и за граѓаните.

Зачлени се на нашиот е-билтен