И новата минимална плата нема да ја покрие потрошувачката кошница, откако денес на седница на Економско-социјалниот совет беше потврдено дека минималецот од март ќе се зголеми за 1.667 денари и ќе изнесува 26.046 денари нето, додека синдикалната минимална кошница за февруари веќе достигна 67.382 денари. Со тоа, владата уште еднаш избра да остане во рамките на законската формула, наместо да понуди суштински одговор на растечките трошоци за живот.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши соопшти дека усогласувањето е направено според законската формула, која се темели на 50 отсто од порастот на просечната нето-плата и 50 отсто од порастот на индексот на трошоците на живот. Според тие пресметки, минималната плата ќе порасне од 24.379 на 26.046 денари нето, односно за 6,86 проценти. Но токму тука е суштината на спорот: власта го брани законскиот минимум, додека работниците бараат плата што ќе може да издржи реален месец, а не само статистичка формула.
Разликата меѓу новиот минималец и синдикалната минимална кошница е прилично голема. Тоа значи дека и по новото усогласување, пораката од институциите кон најниско платените работници останува иста: платата ќе расте на хартија, но не и доволно за да го стигне животот.
Незадоволството веќе излезе од салите и се префрли на улица. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, ја напушти седницата на ЕСС со оценка дека се прави обид „на мала врата“ да се протне усогласување од околу 1.600 денари, а синдикатот најави нови протести во средината на март. Во меѓувреме, предлогот минималната плата да порасне на 600 евра не помина на собраниската комисија. Така, во момент кога кошницата расте втор месец по ред за околу 1.000 денари, власта реши да не ја отвора темата како социјална и политичка криза, туку да ја затвори како техничко усогласување