Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека комунистичкиот режим во Хавана би можел наскоро да падне, додавајќи дека кубанските власти се подготвени за договор со Соединетите Американски Држави.
Во телефонско интервју за CNN, Трамп изјави дека Куба „наскоро ќе падне“ и дека владата во Хавана силно сака да постигне договор со Вашингтон. Според него, САД би можеле да испратат дипломатска мисија предводена од државниот секретар Марко Рубио за разговори со кубанските власти.
Трамп нагласи дека во моментот главен приоритет на американската администрација е конфликтот со Иран, но додаде дека прашањето со Куба ќе дојде на ред подоцна.
„Куба ќе падне многу брзо. Тие многу сакаат да направат договор“, изјави Трамп, додавајќи дека со години ја следи ситуацијата на островот и дека промените таму се неизбежни.
Според американскиот претседател, економската криза во Куба, недостигот на енергенси и намалената поддршка од странство дополнително ја ослабиле владата на островот, што ја зголемува можноста за политички промени.