Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бериша: Рама по налог на Вучиќ ја откажа заедничката седница со Владата на Косово

Поранешниот албански претседател,  екс премиер и актуелен лидер на побројното крило на опозициската Демократска партија, Сали Бериша, денеска обвини дека албанскиот премиер Еди Рама, по налог на српскиот претседател Александар Вучиќ  ја откажал седницата со владата на Косово.

Бериша рече дека Рама ја откажал долгонајавуваната средба меѓу двете влади на Албанија и Косово како почеток на санкциите против оваа влада.

– Оваа одлука за откажување на средбата како одмазда за отфрлањето од страна на владата и политичките сили на Косово на неговиот нацрт добиен од фиоките во Белград, докажува што овој човек е подготвен да направи за големосрбинот Вучиќ, но и за неговата кожа бидејќи е под кривична истрага за аферата Мекгонигал, корупцијата на поранешниот шеф на контраразузнавањето во Њујорк во времето кога тој беше на функцијата, нагласува Бериша во објава на Фејсбук.

Посочува дека „пред една недела албанското досие на Мекгонигал со главните ликови Рама и неговите соработници беше споено поради врските со руското досие“.

-Најостро го осудувам чинот на брутална интервенција на Еди Рама во внатрешните работи на Косово и ја повикувам меѓународната заедница да не заборави дека Еди Рама ги штити личните интереси во оваа кавга со владата на Косово и дека од неговото доаѓање на власт, тој е главниот протагонист на проектите на Голема Србија и поделбата на Косово со Александер Вучиќ, наведува Бериша.

Тој ги повика косовските власти да вложат максимални напори за деескалација на ситуацијата и враќање на агендата на Охридскиот договор и неговото спроведување како најдобар интерес на Косово, но и мир и стабилност во регионот.

Албанскиот премиер Еди Рама синоќа на вонредна прес-конференција соопшти дека е откажано одржувањето на  заедничка седница на владите на Албанија и Косово, што денеска  требаше да се одржи во Ѓаковица, Косово.

На прес-конференцијата Рама изјави дека го информирал Курти дека „во услови на влошување на односите на Косово со целата евроатлантска заедница, оваа средба не може да се одржи во предвидениот формат“.

Претходно Курти одбил средба со Рама а преку медиумите му порачал ” да подготви Предлог-статут за Албанците во Прешевската Долина  (Јужна Србија)”.

i

Зачлени се на нашиот е-билтен