Грција од 2027 ќе забрани социјални мрежи за деца под 15 години

Грција најави дека од 1 јануари 2027 година ќе воведе забрана за пристап до социјални мрежи за деца помлади од 15 години, мерка што премиерот Кирјакос Мицотакис ја претстави како одговор на сѐ поголемата загриженост за влијанието на платформите врз менталното здравје, зависноста од екрани и нарушувањата во секојдневниот развој на децата.

Со оваа одлука, Атина се приклучува на поширокиот европски и меѓународен бран на ограничувања за користење социјални мрежи од страна на малолетници. Грчката влада најавува дека забраната нема да остане само национална иницијатива, туку ќе биде искористена и како притисок кон Европската унија да воспостави заедничка „дигитална полнолетност“ на 15 години, со обврзувачки механизми за проверка на возраста и единствена рамка за спроведување.

Премиерот Мицотакис ја поврза мерката со сѐ погласните реакции на родителите и со растечките предупредувања за штетите од прекумерната изложеност на децата на платформите. Според податоци објавени во грчките медиуми, во земјата постои силна поддршка за ваков чекор, а владата веќе претходно воведе забрана за мобилни телефони во училиштата и алатки за родителска контрола.

Новата најава отвора и поширока дебата во Европа за тоа до каде треба да оди државната интервенција во заштитата на децата на интернет. Додека дел од земјите веќе разгледуваат слични ограничувања, Грција сега јасно поставува рок и политичка намера мерката да стане реалност за помалку од една година.

Зачлени се на нашиот е-билтен