Млади Роми во Куманово: Разговор за еднаквост наместо стереотипи

Во пресрет на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, во Куманово се одржа панел-дискусијата „Real Talk: Roma Youth“, на која млади Роми зборуваа за образованието, можностите и препреките со кои се соочуваат, со фокус на еднаквите шанси и активното учество во општеството. Настанот се одржа на 7 април во организација на Europe House во соработка со Општина Куманово и ромска младинска организација, а беше дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите.

На настанот се обратија градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски и Бен Нупнау од Делегацијата на Европската Унија, кои ја нагласија важноста од видливост, инклузија и почитување на ромскиот идентитет, традиција и култура. Во дискусијата учествуваа млади активисти, студенти, уметници и наставници, кои преку лични искуства отворија прашања за дискриминацијата, пристапот до образование и тешкотиите при вработување.

Дел од говорниците посочија дека со предрасуди се соочиле уште на млада возраст, но наместо тоа да ги оттурне, искуството дополнително ги мотивирало да се докажуваат и да напредуваат. Во разговорот беа споделени и позитивни примери на поддршка во образовниот систем, како и порака дека на ромската заедница ѝ се потребни повеќе видливи успешни примери што ќе им отворат пат и на следните генерации.

Покрај панелот, присутните учествуваа и во интерактивна сесија со пораки за почит, социјална кохезија и еднаквост. Од организаторите порачаа дека целта е младинскиот глас да биде слушнат погласно, а разговорите за различноста и инклузијата да не останат само на симболика, туку да се претворат во реални можности.

Зачлени се на нашиот е-билтен