Велигденското 32-часовно примирје меѓу Русија и Украина не донесе вистинско смирување на фронтот, откако двете страни уште во првите часови почнаа меѓусебно да се обвинуваат за негово прекршување. Примирјето стапи во сила во саботата, на 11 април, во 16 часот по московско време и требаше да трае до крајот на неделата, а Киев претходно соопшти дека ќе го почитува.
Од руската страна беше соопштено дека украински дронови погодиле цели во Курската и Белгородската област, при што биле повредени пет лица. Украинската армија, пак, објави дека руските сили го прекршиле примирјето 469 пати, со напади, гранатирања и удари со дронови. Независна потврда на овие тврдења засега нема.
И покрај новата размена на обвинувања, украинскиот претседател Володимир Зеленски остана на ставот дека прекинот на огнот треба да се почитува и да се продолжи и по Велигден. Тој порача дека подолг прекин би бил вистински сигнал дали Москва е подготвена за мир или повторно ја користи кратката пауза само како политички потег без реален ефект на теренот.
Краткото велигденско примирје дојде во момент кога пошироките мировни обиди и натаму се без пробив. Непосредно пред неговото стапување во сила, двете земји спроведоа и размена на по 175 воени заробеници, со посредство на Обединетите Арапски Емирати, што останува еден од ретките конкретни договори меѓу завојуваните страни во четвртата година од војната.