Кан со силна авторска селекција, 21 филм ќе се борат за Златната палма

Канскиот филмски фестивал ја објави официјалната селекција за своето 79. издание, кое ќе се одржи од 12 до 23 мај, а во главната конкуренција за Златната палма ќе се натпреваруваат 21 филм. Со тоа, Кан и годинава останува главната светска сцена за авторскиот филм, со програма што уште на стартот наметна силни очекувања во филмската јавност.

Меѓу најзвучните имиња во трката се Педро Алмодовар со „Amarga Navidad“, Асгар Фархади со „Parallel Tales“, Кристијан Мунџиу со „Fjord“, Хироказу Коре-еда со „Sheep in the Box“, Павел Павликовски со „Fatherland“ и Андреј Звјагинцев со „Minotaur“. Во селекцијата се и Рјусуке Хамагучи, Ласло Немеш, Лукас Донт и Ајра Сакс, што на годинашната конкуренција ѝ дава изразено авторски и фестивалски профил.

Официјалната листа покажува дека Кан 2026 повеќе се потпира на меѓународни автори отколку на холивудски студија. Според оценките по објавувањето на програмата, американското студиско присуство оваа година е значително послабо, додека фокусот е ставен на режисери со силен уметнички потпис, на поинтимни приказни и на филмови што традиционално имаат силен фестивалски живот.

Во таа насока, годинашниот Кан веќе се чита како фестивал што повторно се враќа кон своето најпрепознатливо лице, авторски филм со големи режисерски имиња, ограничен холивудски сјај и конкуренција во која веќе на прв поглед има повеќе фаворити за најважната награда. Меѓу 21-те филма има и пет режисерки, а фестивалот на овој начин уште еднаш испраќа порака дека главната битка за Златната палма и натаму се води пред сè околу режисерската визија.

Зачлени се на нашиот е-билтен