Теглите со бебешка храна од брендот HiPP, направени од компир и морков, се повлечени од повеќе од 1.000 маркети на SPAR во Австрија поради безбедносни причини и потенцијален ризик по животот, соопштија во понеделник претставници на производителот и синџирот маркети.
„Не може да се исклучи сомнежот дека во нашиот производ е внесена опасна супстанција“, соопштија од HiPP, пренесува Ројтерс.
Портпарол на SPAR изјави дека масовното повлекување на HiPP теглите е превентивна мерка која ќе се примени во околу 1.500 продавници во Австрија.
„Според нашите досегашни сознанија, оваа критична ситуација вклучува надворешна криминална интервенција која влијае врз дистрибутивниот канал на SPAR во Австрија“, изјави портпаролот на HiPP, додавајќи дека производството и контролата на квалитетот остануваат непроменети.
SPAR и HiPP ги советуваа купувачите да не ја консумираат содржината од теглите купени во нивните супермаркети во Австрија и потврдија дека ќе биде обезбеден целосен поврат на средствата за вратените производи.