Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, влегува во фаза на изведување материјални докази, при што утре во судницата во КПУ „Идризово“ се очекува да започне презентирањето на судско-медицинските обдукциски наоди за причините за смртта на жртвите, информира Обвинителството на брифинг со медиумите.
Од Обвинителството појаснуваат дека по изведувањето на обдукциските наоди и утврдените медицински констатации, ќе биде повикано и вешто лице кое ќе одговори на отворените прашања поврзани со причините за смртта и околностите во кои настапиле последиците од пожарот.
На брифингот беше нагласено дека постапката не се однесува само на иницијалниот пожар, туку и на целокупниот контекст што довел до трагичниот исход, вклучително и присуството на гасови, условите во објектот и можноста за евакуација.
Од Обвинителството истакнуваат дека се анализирани сите релевантни фактори, меѓу кои амбиенталните услови, преполнетоста на дискотеката, вградените материјали и емисијата на гасови, кои заедно придонеле за неможноста за безбедно напуштање на објектот.
Во однос на прашањата за присуство на токсични материи, меѓу кои и цијанид, од Обвинителството посочуваат дека сите анализи се извршени и ќе бидат презентирани во судница преку вештите лица.
Исто така, се наведува дека дел од видео-материјалите ќе бидат прикажувани селективно, односно само оние сегменти кои се релевантни за обвинението, со цел да се фокусира постапката на клучните докази.
Од Обвинителството не прецизираат колку рочишта ќе бидат потребни за изведување на материјалните докази, истакнувајќи дека тоа зависи и од одбраната и од текот на постапката, додека судот е задолжен за нејзината ефикасност.
Судскиот процес започна на 19 ноември минатата година, а до овој момент беа сослушани роднини на жртвите, преживеани, сведоци, претставници на институции и членови на бендот ДНК, кој настапувал кобната вечер. Судењето го води судијката Дијана Груевска Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на државата.