Скопје сообраќаен апсурд: Од три ленти направија две и гужвите експлодираа

Скопје

Наместо олеснување на веќе преоптоварениот сообраќај во Скопје, најновите интервенции на улицата „11 Октомври“ создадоа уште поголем хаос, отворајќи сериозни прашања за логиката зад сообраќајните решенија во главниот град.

На една од најфреквентните крстосници, во правец од центарот кон Кисела Вода и „Тутунски комбинат“, со реконструкцијата бројот на коловозни ленти е намален од три на две. Претходно, две ленти водеа право кон Рампа, додека третата служеше за свртување кон Аеродром, но со новото решение просторот е стеснет поради поставување жардиниера.

Оваа промена, наместо да донесе подобра проточност, директно ја влоши состојбата на терен. Колоните возила, кои и претходно беа секојдневие, сега се уште подолги и се протегаат сè до крстосницата кај Црвен крст, што дополнително го парализира сообраќајот во овој дел од градот.

Парадоксот е уште поголем ако се има предвид дека реконструкцијата е дел од поширок проект за подобрување на сообраќајната инфраструктура, поврзан со изградбата на подземната сообраќајница кај „Лимак“. Проектот, кој опфаќа повеќе улици и булевари, требаше да значи проширување и подобрување на протокот, но конкретниот зафат на „11 Октомври“ создава спротивен ефект – наместо повеќе простор за возилата, се добива уште потесно грло.

Дополнително, роковите за изведба веќе се пробиени, иако станува збор за прва, технички наједноставна фаза од проектот. Во меѓувреме, граѓаните секојдневно се соочуваат со последиците – подолги чекања, зголемен стрес и дополнително загадување.

Она што најмногу загрижува е отсуството на објаснување од надлежните. На прашањето зошто е скратена една лента на толку оптоварена делница, одговор нема, што остава впечаток дека одлуките се носат без јасна стратегија или анализа на реалните сообраќајни потреби, пишува порталот Сакам Да Кажам.

Овој случај повторно го постави прашањето: Дали Скопје добива модерни сообраќајни решенија или импровизации што само го продлабочуваат хаосот? Наместо системско решавање на проблемите, граѓаните сведочат на потези што го прават движењето низ градот сè потешко, а секој нов зафат – нов ризик за уште поголем метеж.

Зачлени се на нашиот е-билтен