Изјавата на Мицкоски опасно го релативизира семејното насилство

Изјавата на Мицкоски дека семејното насилство, поради кое негов телохранител е во осумдневен притвор, претставува „мал престап“, предизвика остра реакција од Мрежата за заштита од дискриминација и Платформата за родова еднаквост, кои денеска предупредија дека таквата формулација е опасна, неприфатлива и ја намалува тежината на насилството врз жените.

Во реакцијата, Платформата потсетува дека семејното насилство во Македонија повеќе од две децении се третира како кривично дело, а не како спореден или административен инцидент. Оттаму наведуваат дека само од јануари годинава, како последица на насилство, животот го загубиле четири жени и едно девојче.

Според официјалната статистика на МВР, на која се повикува Платформата, во 2025 година бил забележан највисок број пријавени случаи досега, со просек од 19 пријави дневно. Организациите оценуваат дека токму долгогодишното минимизирање на проблемот придонело жртвите да не пријавуваат, а институциите да не постапуваат навремено и соодветно.

Реакцијата доаѓа и по случајот од 2 март 2026 година, кога насилството заврши со скок од зграда на жена со нејзиното малолетно дете. По тој настан, прашањето за функционалноста на системот повторно се отвори, а самиот премиер тогаш ги повика жртвите да пријавуваат и да не ги повлекуваат пријавите.

Токму затоа, оценуваат од Платформата, денешното сведување на ваквиот контекст на „мал престап“ ја поништува сериозноста на претходните пораки и остава простор за релативизирање на насилството. Од организациите бараат премиерот јасно и недвосмислено да го осуди секој чин на родово засновано насилство.

Зачлени се на нашиот е-билтен