Велислава Петрова-Чамова, влегува во владата на Румен Радев како министерка за надворешни работи. Таа е поранешен кадар на „Има таков народ“ на Слави Трифонов, партија којашто отворено имаше антимакедонски ставови.
Велислава Петрова-Чамова беше заменичка-министерка за надворешни работи за време на коалициската влада на Кирил Петков, кога министерка за надворешни работи беше Теодора Генчовска исто така од квотата на ИТН. Потоа била дел од официјалниот кабинет на Галаб Донев, кога министер беше Николај Милков, поранешен секретар за надворешна политика на Радев од неговиот прв мандат како претседател. Како заменик-министер за надворешни работи во тимот на Милков, таа била ангажирана околу прашања поврзани со Македонија.
Чамова дипломирала на Универзитетот во Кембриџ, Велика Британија, со степен „доктор“ во областа на биомедицинските науки. Во 2024 година, ИТН ја номинираше за европски комесар.
Од периодот кога беше заменичка-министерка, ја паметиме по изјавата дека нема потреба Бугарија повторно да стави вето за Македонија.
„Самите си наметнаа вето. Јасно е напишано дека за да го продолжат патот кон евроинтеграциите мораат да го променат Уставот. Се додека не го направат тоа, нема начин вистински да почнат преговорите. Можеме да ставиме вето како многу пати како што сакаме, крајната цел е овој регион да се интегрира, така што ќе биде многу полесно да коегзистираме со нив, но тоа може да се направи кога ќе ги исполнат критериумите“, рече тогаш Петрова во едно интервју за бугарски медиум.
Во тоа интервју таа рече дека „Македонија ветува многу, но нема соодветни последователни дејствија по антибугарските настани и тоа е причина за ескалација на ситуацијата“.
„Правиме се што е можно да покажеме како говорот на омраза кога не е навремено казнет, прераснува во криминални дела. Не случајно говорот на омраза е поставен како дел од критериумите за патот на С. Македонија кон ЕУ“, изјави тогаш заменик-министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова за бугарските медиуми.
Дипломатката коментира дека по усвојувањето на преговарачката рамка од страна на ЕУ, „Македонците чувствуваат дека преговорите се веќе започнати“.
„Погрешно создадоа големи очекувања во општеството дека ќе продолжат и без промена на Уставот, а според одлуката на сите држави тоа мора да го направат. Ова е заложба не кон Бугарија, туку кон целата ЕУ“, појасни тогаш, во 2023 година, Велислава Петрова, која во меѓувреме се омажи и го додаде презимето Чамова на своето.