Цените на авионските билети во Европа ќе растат доколку продолжи војната во Иран и нестабилноста на енергетските пазари, изјавил директорот на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт – ИАТА. Причина за очекуваното поскапување е растот на цената на нафтата и керозинот, кои се меѓу најголемите трошоци на авиокомпаниите.
Според проценките на авиокомпаниите, трошоците за гориво учествуваат со 20 до 30 проценти во вкупните расходи, а поскапувањето на нафтата по нападите врз Иран веќе почнало да се одразува врз авиоиндустријата. Цената на суровата нафта надминала 100 долари за барел, што е највисоко ниво во последните неколку години.
Покрај цените, дел од компаниите се соочуваат и со оперативни проблеми поради ограничувања и прекини на летови во регионот на Блискиот Исток. Од крајот на февруари биле откажани десетици илјади летови, а дел од авиокомпаниите веќе најавиле корекции на цените и можни кратења на одредени линии.
Во извештаите на светските агенции се наведува дека компаниите кои однапред обезбедиле договори за гориво полесно го амортизираат ударот од растот на цените, додека останатите ќе мора побрзо да ги префрлат трошоците врз патниците.
Аналитичарите проценуваат дека најголем притисок врз цените би можел да има во текот на летната сезона, кога побарувачката за патувања традиционално расте.
