Филков најавува ново решение за конфискација

Игор Филков, фото: Министерство за правда
Игор Филков, фото: Министерство за правда

Министерството за правда подготвува нов Предлог-закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, со кој треба да се доуреди постапката за одземање имот за кој ќе се утврди дека не е стекнат од законски извори.

На стручната јавна расправа учествуваа претставници на правосудните институции, судии, обвинители, професори, експерти и претставници на меѓународната заедница. Расправата е дел од процесот за подготовка на законско решение што треба да ја направи постапката појасна, пофункционална и правно поодржлива.

Министерот за правда Игор Филков оцени дека предлогот е важен чекор во зајакнувањето на владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. Според него, постојниот закон, донесен во март 2024 година, го поставил првиот механизам за конфискација на имот во граѓанска постапка, но досегашните анализи покажале потреба од попрецизно уредување на повеќе прашања.

Новото решение треба да ги дефинира условите за поведување постапка, надлежностите на институциите, финансиската анализа, утврдувањето несразмерност меѓу имотот и законските приходи, како и мерките за обезбедување на имотот додека трае постапката.

Клучната разлика на овој механизам е што конфискацијата не е врзана исклучиво за исходот на кривична постапка. Во граѓанска постапка, државата треба да докаже дека одреден имот не може да се поврзе со законски приходи, а судот потоа одлучува дали тој имот ќе биде одземен.

Од Министерството за правда нагласуваат дека целта на законот не е казнување, туку заштита на јавниот интерес и спречување располагање со незаконски стекнат имот. Предлогот се темели на начелата на законитост, пропорционалност, непристрасност, доверливост, транспарентност и итност.

Овој тип законодавство со години се најавуваше како еден од инструментите за справување со незаконско богатење, корупција и организиран криминал. Во јавноста, сепак, постојано се отвораше и прашањето како да се направи систем што ќе биде ефикасен, но нема да создаде правна несигурност или непропорционален товар врз граѓаните.

Затоа клучни за примената ќе бидат доказните стандарди, улогата на финансиската анализа, судската контрола и јасното разграничување меѓу граѓанската конфискација, кривичната постапка и даночните постапки.

Процесот за изработка на новиот предлог треба да трае до крајот на јуни. По тоа, текстот ќе треба да влезе во понатамошна владина и собраниска процедура.

Најчитано