„Бангаранга“ е новото „здравеј“ во Бугарија

„бангаранга“

Синоќа главниот град на Бугарија, Софија, беше исполнет со радост и славење поради победата на Дарин Јотова – ДАРА на натпреварот „Евровизија 2026“.

Општина Софија организираше голем концерт и забава на плоштадот Књаз Александар I, каде што огромна толпа се собра да ја поздрави победничката. Дара одеше по поставениот црвен тепих од 60 метри и ја поздравуваше насобраната толпа, прегрнувајќи деца и млади кои мавтаа со бугарски знамиња на секој чекор, објави БГНЕС.

„Ви благодарам од дното на моето срце, ова многу ми значи! Ќе го чувам овој момент до крајот на мојот живот. Мојот сон беше да можам да ги обединам луѓето и да ве видам сите тука заедно. Ви благодарам што ми го остваривте сонот“, рече Дара.

Моментално, Дара и песната „Бангаранга“ имаат шанса да влезат на листата на Билборд, што е неверојатен престиж, а моментално е на 11-то место на светската листа на Spotify.

Градоначалникот на Софија Васил Терзиев ѝ честиташе на Дара, како и градоначалникот на Варна Благомир Коцев.

„Ти благодарам, Дара, горд сум што сум тука, ти благодарам што нè правиш среќни и горди што сме Бугари, те поканувам во Варна при првата можност. Никогаш не сме се сомневале во нејзиниот талент, рече Благомир Коцев.

На 27 години, Дара ја освои големата европска сцена и стана победник на престижниот натпревар за песна „Евровизија 2026“. Дара недвосмислено ги победи сите други земји и со тоа го привлече вниманието кон Бугарија, каде што ќе се одржи следната Евровизија во 2027 година.

Со настапот на на Евросонг Дара убедливо го освои првото место. Австралија, Малта, Данска и Литванија ѝ дадоа на Бугарија максимални 12 поени. Бугарија ги освои гласовите на националните жирија и излезе на врвот со 204 поени.

Гласањето на публиката ѝ донесе на Бугарија уште 312 поени и со тоа беше остварен убедлив триумф со вкупно 516 поени, пред Израел со 343 поени и Романија со 296.

„Бангаранга“ е чувство на сила, да се надмине стравот со посебна енергија. Кога си во хармонија со природата и светот, тогаш можеш да постигнеш сè“, рече возбудената Дара, откако без сомнение го освои првото место.

Од тогаш навака „Бангаранга“ е новото „здравеј“ во Бугарија.

Најчитано