На Оливера Ќорвезироска вечерва ќе и биде врачена наградата „Роман на годината“ за „Три Марии“

Ќорвезироска

Фондацијата „Славко Јаневски“ вечерва во Друштвото на писателите на Македонија, во 19 часот, ќе ја врачи наградата „Роман на годината“ за 2025 година.

Оваа година ова високо признание го доби писателката Оливера Ќорвезироска за романот „Три Марии“, во издание на „Арс Либрис“. Одлуката ја донесе петчленото жири составено од Калина Малеска, Ивана Трајаноска, Иван Антоновски, Иван Шопов и Катерина Богоева, со мнозинство гласови по повеќекратна селекција на пристигнатите дела.

На конкурсот, кој се одржува 27-ма година по ред во организација на Фондацијата „Славко Јаневски“, годинава конкурираа 46 романи, а жирито ја донесе одлуката со мнозинство гласови, по претходно неколкукратно селектирање на пристигнатите романи.

Наградата се состои од оригинална статуетка, плакета и паричен износ од 150.000 денари и е поддржана од Министерството за култура и туризам, додека генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје.

Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска постигна редок успех во македонската книжевна историја. Покрај наградата „Роман на годината“, која ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, делото претходно ги освои и наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и „Рациновото признание“.

Овој триумф ја етаблира Ќорвезироска како прв автор во земјата што ги обединил овие три престижни признанија за едно исто прозно дело, што укажува на високиот естетски квалитет и критичкиот консензус околу нејзиниот ракопис.

Најчитано