Пестицид во салата од Македонија откриен во Хрватска

Пестицид во салата од Македонија е откриен во Хрватска, каде што од продажба е повлечена мешаната салата „Бенита“ од 670/360 грама, со потекло од Северна Македонија. Хрватската агенција за земјоделство и храна објави дека производот е повлечен поради зголемено ниво на пестицидот хлорпирифос, а малопродажбата ја вршел „Кауфланд Хрватска“. Повлекувањето е објавено на 21 мај 2026 година.

Според официјалното известување, повлекувањето се однесува исклучиво на производот „Benita Miješana salata 670g/360g“, со GTIN 3858893130246, LOT 1662025 и рок „најдобро да се употреби до“ 10 ноември 2027 година. Хрватските институции наведуваат дека производот не е во согласност со европската регулатива за максимални нивоа на остатоци од пестициди во храна и храна за животни.

„Кауфланд Хрватска“ соопшти дека пестицидот хлорпирифос бил утврден при самоконтрола и дека конкретната серија веднаш е повлечена од продажба. Купувачите можат да го вратат производот во која било продавница на „Кауфланд“ во Хрватска и да добијат поврат на средствата.

Случајот е непријатен за македонската прехранбена индустрија затоа што спорниот производ не бил запрен дома, туку алармот се вклучил на хрватскиот пазар. Хлорпирифосот е пестицид чија активна супстанција не доби продолжување на одобрението во Европската Унија, поради што секој ваков наод отвора прашања за контролите, следливоста и извозните стандарди.

Хрватските медиуми, повикувајќи се на Државниот инспекторат, објавија дека производот е со потекло од Северна Македонија и дека се повлекува поради зголемено ниво на хлорпирифос. Засега нема објавена информација дали истата серија била пласирана и на други пазари или дали ќе следуваат дополнителни проверки кај производителот.

Најчитано