ИЈЗ доцнел со извештаи за заразни болести и загадување

Институтот за јавно здравје не ги изготвил навреме дел од клучните извештаи за јавното здравје во 2024 година, утврдиле државните ревизори во конечниот извештај за работењето на установата.

Станува збор за извештаи што се однесуваат на состојбата со здравствениот кадар, заразните болести, употребата на психоактивни супстанци, користењето дроги и влијанието на загадениот воздух. Според ревизорскиот извештај, дел од нив биле изготвени дури во 2025 година, кога податоците веќе ја губат актуелноста и употребната вредност.

Ревизорите оценуваат дека нецелосната реализација на програмските активности и недостигот на клучни податоци ја ограничуваат можноста надлежните институции навремено да ја согледаат состојбата во здравствениот систем и да планираат соодветни јавно-здравствени политики. Во извештајот се наведува и дека Институтот, според Законот за јавно здравје, треба да изготвува годишни национални извештаи за релевантните аспекти на здравјето на населението и да предлага мерки за надминување на јавно-здравствените проблеми.

Државниот завод за ревизија утврдил дека активностите предвидени со Националната годишна програма за јавно здравје за 2024 година не се спроведени во целост. Во апстрактот на ревизијата се наведуваат и невоспоставени законски регистри во надлежност на Институтот, нецелосен попис на средствата и побарувањата, слабости во дел од јавните набавки, медицинска опрема што не била ставена во употреба, несоодветни исплати на плати и надоместоци, како и неправилности поврзани со лица ангажирани со договор на дело.

Посебно е посочено и управувањето со вакцините. Иако Министерството за здравство ги набавува вакцините за задолжителна имунизација, ревизорите утврдиле дека тие се доставувале до Институтот со податоци за количината, но без податоци за нивната вредност. Примените и потрошените вакцини биле евидентирани во модулот „Мој термин“, но не и во деловните книги на Институтот, поради што не била воспоставена целосна сметководствена и материјална евиденција.

Во финансискиот дел, ревизијата утврдила дека пописот на побарувањата не бил направен во целост. За побарувања во износ од 18,245 милиони денари, постари од три години, до денот на ревизијата не биле преземени активности за наплата, што отвора неизвесност дали тие средства воопшто ќе бидат наплатени.

Државниот завод за ревизија дал 15 препораки до Институтот. Тие се насочени кон целосно спроведување на програмските активности, подобрување на сметководствената и материјалната евиденција, воспоставување подобра контрола врз побарувањата, јавните набавки, ангажманите со договор на дело и користењето на јавните средства.

Најчитано