Тамара Тодевска го објави новиот сингл „Драма квин“, прва песна од нејзиниот нов студиски албум „Кукла жива“, проект со кој пејачката најавува нова музичка и визуелна фаза во својата кариера.
Песната е авторски потпишана од Коста Петров и Тамара Тодевска, а аранжманот е на Емин Џијан. Во снимањето учествувале повеќе од 50 музичари и хор, што му дава на проектот поголем продукциски обем и звук заснован на живи инструменти.
Спотот за „Драма квин“ е снимен во студиото „Takat“, во режија на Мартин Трајановски, со кого Тодевска соработувала и на претходни проекти. Видеото е дел од поширокиот концепт на „Кукла жива“, албум со 10 нови песни, најавен како прв визуелен албум создаден во Македонија.
Тодевска вели дека новата песна е само дел од материјалот што следува и дека албумот е создаван со музичари со кои дели долгогодишна професионална и креативна врска.
„Ова е само мал дел од она што следува – албум на кој работат некои од најдобрите музичари во Македонија, комплетно сниман со живи инструменти и песни кои се инспирирани од различни периоди на мојот живот. „Драма квин“ е брза и динамична песна, а навистина уживавме во текот на снимањето на визуелниот дел“, посочува Тамара.
Таа додава дека на видеото работела со луѓе со кои соработувала и претходно, дел од нив и како повеќегодишни соработници и пријатели, што го олеснило креативниот процес и визуелната насока на проектот.
